Продолжи судењето за случајот „Онкологија” кој ја вознемири јавноста, оти на површина излегоа податоци дека на Клиниката за радиотерапија и онкологија имало злоупотреби и несовесно лекување на пациенти што довело до сериозно влошување на нивната состојба.
И денеска во скопскиот кривичен суд сведочеа вештаци, доктори од Словенија, ангажирани од Обвинителството, кои во претходните денови изнесоа шокантни сознанија за неправилности при лекувањето.
Тие посочија дека кај дел од пациентите биле применувани скапи биолошки терапии без јасна медицинска индикација и без соодветна документација во историјата на болеста. И не само тоа, туку дека таквите лекови некогаш делувале и контрапродуктивно. Сведочеа и дека во повеќе случаи недостасувале конзилијарни одлуки и писмени траги за промените на терапијата, што според нив претставува сериозно отстапување од стандардните онколошки протоколи.
Одбраната на обвинетите пак вели дека се се правело според македонските протоколи.
Инаку, обвинението ги товари поранешниот директор на Клиниката Нино Васев Васев и докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за „тешки дела против здравјето на луѓето” и несовесно лекување на околу 29 пациенти во периодот 2018–2022 година.
