Во очекување на следните активности на истражните органи во врска со аферата „марихуана”, партиите јавно изнесуваат обвинувања и поставуваат прашања.
Па така од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис во Македонија, на начин што во 2020 година смислиле план како енормно да заработат од бизнисот, преку целосна легализација на марихуаната. Но тоа не им поминало, па затоа давале лиценци за одгледување медицински канабис за луѓе блиски до кланот Заеви.
За владејачката партија доказ дека ова било однапред смислено сценарио е и донесување на Правилникот за одгледување канабис со јасна неусогласеност со Законот. Па така од ВМРО_ДПМНЕ поставија прашање: Дали на Заев и Филипче целта им била продавање канабис на црниот пазар и дали тие ја туркале промената на правилникот?
Прашање има и СДСМ, ама не за запленетата марихуана во Македонија, туку за таа пред две недели во Србија. Тие се уште молчат за заплената во Струмица и Скопје, ама упорно секој ден бараат одговори како преку граница поминала македонската марихуана во Србија.
Инаку, прашања има и јавноста. Но има и барања, а главното е дека аферата мора да се расчисти до крај и сите инволвирани да одговараат за сторениот криминал.
