Во Србија е уапсен 18-годишниот скопјанец Саит Саитов, кој возејќи без возачка дозвола на 9 јануари удри и усмрти жена во скопски Капиштец. По големиот инцидент тој избега од Македонија, но сега е фатен во Белград.
Надлежните служби во Србија го известиле македонското МВР дека посоченото лице кое се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР е приведено и одредено му е екстрадициски притвор.
Инаку, според истрагата, Саитов возел „фолксваген пасат” по улицата Народен фронт во Скопје без важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во 79-годишна жена и наместо да застане и да ѝ помогне веднаш избегал. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна починала од тешките повреди.
