Основното општинско училиште „Страшо Пинџур“ во општина Ѓорче Петров ќе се доградува и надградува, со што значително ќе се подобрат условите за настава и престој на учениците. Советот на Општина Ѓорче Петров едногласно донел одлука училиштето целосно да се ослободи од плаќање комуналии за реализација на проектот, со цел побрза и поефикасна изградба.
Од Општината информираат дека со оваа инвестиција ќе се обезбедат дополнителни просторни капацитети и ќе се создадат услови за изведување едносменска настава, што ќе придонесе за поквалитетен образовен процес и подобро секојдневие за учениците, наставниот кадар и родителите.
Проектот е финансиран од Министерството за образование и наука и претставува трета доградба на основно училиште на територијата на општина Ѓорче Петров што ќе се реализира во текот на оваа година.
Општинските власти истакнуваат дека и понатаму ќе продолжат со одговорно и стратешко инвестирање во образованието, со јасна цел – создавање квалитетни услови за учење и подобра иднина за најмладите жители на општината.







