Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Индија ќе започне со купување нафта од Венецуела наместо од Иран, како дел од договор постигнат со САД. Изјавата ја даде синоќа пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, додека патуваше од Вашингтон кон својот имот во Флорида.
– Веќе го постигнавме договорот, односно концептот на договорот – рече Трамп.
Претходно, американски медиуми објавија дека Вашингтон го информирал Њу Делхи дека Индија би можела повторно да започне со увоз на венецуелска нафта, со цел да се ограничи рускиот извоз на енергенси. Информацијата се повикува на три извори запознаени со разговорите.
Индија значително го намали увозот на иранска нафта поради американските санкции, но по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, стана еден од најголемите купувачи на руска нафта, искористувајќи ја пониската цена поради западните санкции.
Со цел да изврши притисок врз Индија да го ограничи купувањето руска нафта, Трамп во август ги зголеми царините за увоз од Индија на 50 проценти, а подоцна предупреди дека тие би можеле дополнително да се зголемат доколку увозот продолжи.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, во јануари изјави дека дополнителната царина од 25 проценти за индиската стока би можела да биде укината, поради значителното намалување на индискиот увоз на руска нафта.
Во март 2025 година, администрацијата на Трамп воведе царина од 25 проценти за земјите што купуваат венецуелска нафта, меѓу кои и Индија. Сепак, оваа недела американската влада укина дел од санкциите кон венецуелската нафтена индустрија, со цел да им овозможи на американските компании полесна трговија со венецуелска сурова нафта.
Според аналитичарите, најновите изјави на Трамп се знак за подобрување на односите меѓу САД и Индија, кои беа затегнати во изминатата година.
Трамп додаде дека и Кина би можела да постигне договор со САД за купување венецуелска нафта.
– Кина е добредојдена и би можела да постигне одличен договор за нафта – изјави американскиот претседател, без да наведе дополнителни детали.







