Македонскиот атлетичар во скок во далечина Андреас Трајковски забележа одличен настап на митингот во Горзов, Полска, каде го освои третото место со скок од 7.82 метри. Натпреварот е со сребрена етикета во рамки на континенталните митинзи под покровителство на Европска атлетика, што дополнително ја нагласува вредноста на остварениот резултат.
Со овој настап, Трајковски уште еднаш потврди дека се наоѓа во одлична форма на самиот почеток од сезоната, а се очекува и напредок на светската ранг-листа по следното ажурирање. Скокот од 7.82 метри му носи 1.099 поени според бодовната таблица на Светска атлетика.
На митингот во Полска, македонскиот атлетичар имаше исклучително конзистентна серија од шест скока, со должини од 7.43, 7.78, 7.82, 7.56, 7.76 и 7.77 метри.
Ова беше негов втор настап сезонава, откако претходно на митингот во Архус, Данска, го освои второто место со скок од 7.38 метри. Првото место во Горзов му припадна на Лука Херден од Германија со 8.18 метри, додека втор заврши Лестер Лескеј од Шпанија со 8.03 метри.







