Голем пожар избувна рано утрово во фабрика за производство на бисквити во близина на грчкиот град Трикала, во регионот Тесалија, при што загинаа најмалку четири лица, а една жена се води како исчезната, јавува весникот „Катимерини“.
Пожарот започнал околу 4 часот наутро во фабриката „Виоланта“, која се наоѓа покрај националниот пат Трикала – Кардица. Во моментот на инцидентот, фабриката била во функција, бидејќи работи со 24-часовни смени.
Непосредно пред избувнувањето на пожарот била слушната силна експлозија, а во објектот во тој момент се наоѓале 13 вработени. Осуммина од нив успеале навреме да ја напуштат фабриката и биле пренесени во Општата болница во Трикала, каде им била укажана лекарска помош.
Спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на теренот, додека причините за пожарот и експлозијата се предмет на истрага од надлежните служби.
