Со новиот предлог-закон за заштита од пушење се предвидува и регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде што има присуство или движење на повеќе луѓе. Ограничувањата ќе важат за простори околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни собири, културни и спортски настани, како и за места наменети за деца, млади и семејства.
Особено е нагласено ограничувањето на пушењето пред детски игралишта и игротеки, како и на локации каде граѓаните чекаат во редици, на пример при купување билети за културни или спортски настани.
Од Министерството за здравство посочуваат дека на вакви отворени јавни простори граѓаните често немаат реална можност да се оддалечат од изворот на чадот, а најранливи се децата, постарите лица и хронично болните.
