СДСМ денеска излезе со нови обвинувања против Владата на ВМРО-ДПМНЕ и нов скандал поврзан со, како што вели, милионски злоупотреби на јавни средства.
Според Александар Димитријевиќ, член на Акцискиот тим на СДСМ, државни институции и општини под раководство на ВМРО-ДПМНЕ доделиле вкупно 161 тендер, во вредност од 5 милиони и 360 илјади евра, на фирма поврзана со Ивица Томовски – актуелен директор на СОЗР.
Димитријевиќ тврди дека фирмата, основана со сопственик Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, прво била регистрирана под името „Сити логистик“, а подоцна го променила името во „Сити аутсорсинг“, задржувајќи иста адреса и единствен матичен број на субјект. Управител, според Димитријевиќ е нивни близок роднина, Слободан Кутановски.
СДСМ тврди дека само во 2024 година, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, фирмата ја зголемила својата дејност за 306 проценти, а во текот на 2025 година веќе добила десет нови тендери со вредност близу половина милион евра.
„Не чисти СОЗР, туку чисти семејната фирма на Томовски. Чистат пари – и тоа милионски суми,“ порача Димитријевиќ, додавајќи дека ова е само почеток на новиот циклус објави кои, како што кажа, ќе откријат „каде завршуваат парите и кој стои зад нив“.
