Ја промовираме алатката важна во современото функционирање на државата – новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата. Ова не е само технички систем. Ова е чекор напред во политичката култура, чекор во модерното управување и силна порака дека државата што ја водиме е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот што се одржа во Клубот на пратеници.
– Оваа Платформа ја симболизира нашата јасна заложба за интегритет, чесност и јавен надзор над сите инвестиции што ги реализираме, без исклучок. За првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор, и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно, да го следи текот на проектите што ги финансира Владата, подвлече премиерот пред присутните.
Токму така, нагласи тој, треба да функционира една европска држава. Со оваа Платформа, како што додаде, ја отвораат работата на институциите и воспоставуваат нова рамка на доверба, каде што јавноста не чека одговори – туку ги има пред себе.
-Транспарентноста за нас не е формална обврска. Таа е суштинско демократско правило. Таа е основа на довербата. Основата на стабилноста. Основата на вистински одговорните политики. Во општество што секојдневно се соочува со лажни наративи, дезинформации и манипулации, единствениот одговор е – отворена држава со отворени податоци. Затоа оваа Платформа е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека посебно важно е што медиумите, како столб на демократијата, добиваат моќен алат. Со само неколку кликови, како што појасни премиерот, ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација.
– Ова значи вистинска поддршка на истражувачкото новинарство, на јавната отчетност и на информирано граѓанско учество. Ниту еден проект веќе не е „некаде таму“, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив, рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека бројките најдобро зборуваат.
– Од првиот јавен повик, финансиран преку средствата што ги обезбеди Владата, опфатени се вкупно 288 проекти со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно близу 75 милиони евра. Денес можеме одговорно да кажеме дека сите 288 проекти се започнати. За сите се склучени договори со економски оператори, информираше премиерот.
