Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за денес најави значаен состанок поврзан со состојбата во Нафтената индустрија на Србија (НИС), чија рафинерија во Панчево официјално треба да биде затворена утре, во случај да изостане позитивен одговор од САД.
Одлуката за евентуалното продолжување на лиценцата за работа на НИС и продолжувањето на функционирањето на рафинеријата зависи од Стејт департментот и канцеларијата на OFAC.
„Не можеме да одлучиме што да правиме во име на Русите. . . Ако лиценца од САД не добиеме, ќе мораме на различни начини да обезбедиме нафта и нафтени деривати во следниот период“, изјави Вучиќ.
“Ќе имаме важен состанок каде што ќе ги решиме сите тие проблеми.” Тој додаде: “Сметаме дека Американците воопшто нема да се изјаснат, ќе кажат дека не добиле доволно информации и затоа чекаат и секако не им е грижа колку штета е направена во Србија.”
„Русите не брзаат премногу бидејќи за нив најважно е нивниот имот да остане што е можно подолго, а дали ќе остане и како ќе биде кај нас е друго прашање“, истакна Вучиќ.
Тој посочи дека нема простор за загриженост кај граѓаните. Веќе 54 дена се активни американските санкции врз НИС, која е во мнозинска сопственост на Русија.
Србија очекува одговор од американскиот Стејт департмент и од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) во врска со продолжувањето на лиценцата за НИС, додека рафинеријата во Панчево се уште е во фаза на топла циркулација, а државата го зголемува увозот на деривати.
Бојан Станиќ од Српската стопанска комора за РТС изјави дека би било големо разочарување доколку лиценцата за НИС не биде обновена.
Во случај на негативно сценарио, тој смета дека прекинот на работата на рафинеријата за краток период нема да претставува проблем.
Сепак, тој нагласува дека сето ова ја намалува вредноста на НИС.
