Портпаролката на Владата, Марија Митева денеска на прес конференција истакна дека доделени биле вкупно 33.682 ваучери за студенти.
„Дозволете најнапред да истакнам дека ова е мојата прва прес-конференција како портпарол на Владата, и искрено сум горда што денес можам да потврдам дека една од најзначајните мерки за младите, мерката за ваучери за електронски уреди за студентите се реализира одлично и согласно сите предвидени динамики.
Според последните податоци, заклучно со вчерашниот ден се доделени вкупно 33.682 ваучери во вредност од 15.300 денари.
Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и веќе подигнале нов електронски уред.
Овие бројки јасно покажуваат дека интересот е огромен, имплементацијата стабилна, а мерката создава вистински резултати.
Оваа мерка не е случајна ниту импровизирана, туку прецизно и навремено испланирана од страна на Генералниот секретаријат на Владата, во блиска соработка со Министерството за дигитална трансформација и Министерството за образование и наука. Оваа институционална координација овозможи: брза организација на постапките, јасни критериуми за студентите, технички усогласен систем за доделување и реализација на ваучерите и висока транспарентност на процесот.
Со добро поставен систем и силна соработка меѓу институциите, мерката стана пример како државата може ефикасно, модерно и одговорно да испорача политики кои директно го подобруваат животот на граѓаните.
Владата покажа дека инвестициите во знаење, технологија и млади се приоритет, а исполнувањето на ова ветување е доказ дека државата функционира во служба на граѓаните. Ја намалуваме дигиталната нееднаквост и ја поттикнуваме дигиталната трансформација.
Како Влада ќе продолжиме со следење на реализацијата кај овластените трговци, обезбедување постојана поддршка за студентите и подготовка на нови политики насочени кон дигитализација и модернизација на образованието.
Покажавме дека кога државата планира внимателно, координирано и со јасна цел, резултатите се видливи и опипливи. Мерката функционира, интересот е голем, очекуваме максимална искористеност на мерката од сите студенти, а имплементацијата е пример за успешна меѓуинституционална соработка“, вели Митева.
