Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе работи напорно за да бидат успешни мировните предлози на САД и вети дека нема да прави ништо што би можело да ги наруши дипломатските напори.
„На Украина ѝ е потребен мир и Украина ќе направи сè за никој во светот да не може да каже дека ние ја попречуваме дипломатијата. Ова е важно“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање, додавајќи дека Украина нема да дава „проблематични“ изјави. „Главната задача за сите е конструктивен дипломатски процес со САД и сите наши партнери. Клучно е да имаме стабилна поддршка за нашата војска и сите наши планирани одбранбени операции и длабински напади“, рече тој.
Неговиот кабинетот претходно објави дека од САД добиле нов план за завршување на војната на Русија во Украина. Исто така, беше објавено дека Зеленски очекува да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во наредните денови.
Два извори запознаени со ова прашање за Ројтерс во среда изјавија дека Вашингтон јасно му сигнализирал на Зеленски дека Киев мора да прифати рамка на САД за завршување на војната, што вклучува територијални отстапки и намалување на украинските вооружени сили и откажување од членство во НАТО.
Земјите од ЕУ се спротиставија на планот, затоа што го сметаат за капитулација на Украина.
