Ракометарите на Вардар повторно им донесоа радост на своите навивачи, совладувајќи го Кристијанштад со 35:30 и враќајќи се на врвот на групата Ф во Лига Европа. Ова е трета победа за скопскиот тим во четири одиграни натпревари.
Дуелот започна подобро за шведскиот состав, кој во првите минути диктираше минимална предност. Сепак, Вардар одговори со серија од три гола и го презеде водството, кое го задржа до паузата. Второто полувреме донесе нова драматика – Кристијанштад успеа двапати да израмни, но тимот на Иван Чупиќ веднаш возврати со моќен налет од пет последователни гола и се одлепи на 27:22.
Финишот им припадна на „црвено-црните“, кои ја контролираа играта и стигнаа до највисоката предност од шест голови (35:29), пред конечните 35:30.
Дмитро Хориха беше прв стрелец со девет погодоци, а Милош Валах блесна на голот со 15 успешни интервенции.
Во вториот денешен натпревар од групата силите ќе ги одмерат Тулуз и Сесвете. Во следното коло Вардар ќе гостува токму кај хрватскиот тим.
