Македонската фудбалска репрезентација во вторник во Кардиф ќе го одигра најважниот натпревар од овие квалификации – дуелот со Велс кој директно ќе одлучи кој тим ќе избори пласман во баражот за Светското првенство.
Бидејќи станува збор за меч со голема тежина, УЕФА одлучи да испрати истакнато судиско име. За главен арбитар е назначен Холанѓанецот Дани Макеле, а на линиите ќе му асистираат Хесел Стегстра и Јан де Фрис. Четврти судија ќе биде Марк Нагтегал. И во ВАР собата ќе работи холандска екипа – Пол ван Бокел како главен и Рихард Мартенс како негов асистент.
Макеле, полициски службеник од Дордрехт кој од 2011 година е на листата на ФИФА, судеше на Светското првенство во Катар 2022 и на последните две Европски првенства.
Холанѓанецот досега три пати делел правда на натпревари на Македонија:
– во 2016 година во Скопје кога Италија победи со 3:2,
– во 2019 година на мечот Македонија – Словенија кој го добивме со 2:1,
– и во 2021 година против Германија на арената „Тодор Проески“, кога гостите триумфираа со 4:0.
Макеле важи за еден од најискусните европски арбитри, со богата меѓународна кариера. Досега има судено околу 750 натпревари – од кои 362 во холандското првенство, 54 во Лигата на шампионите, 18 во Лига Европа, а 31 пати бил назначен на квалификациски дуели за Светските и Европските шампионати.
