Српскиот ас Новак Ѓоковиќ на 38 години ја освои титулата на АТП турнирот во Атина, победувајќи го Лоренцо Мусети во драматично финале со 4-6, 6-3, 7-5, по речиси три часа борба.
Со оваа победа, Ѓоковиќ ја освои својата втора титула оваа сезона и вкупно 101-ва во кариерата, приближувајќи се до рекордите на легендите Роџер Федерер (103) и Џими Конорс (109). Дополнително, Новак стана најстариот АТП шампион од 1990 година, надминувајќи го Гаел Монфис, кој освои титула во Окленд на 38 години и четири месеци.
Мусети го започна финалето подобро, со ранен брејк во третиот гем и водство од 1-0 во сетови. Но, Ѓоковиќ одговори со своето препознатливо темпо, прецизен ритам и железна ментална игра, израмнувајќи со брејк во вториот сет.
Одлучувачкиот трет сет беше вистински трилер. Новак поведе со 3-1, Мусети возврати со брејк во шесттиот гем, но Ѓоковиќ повторно направи брејк за 5-4. Иако пропушти неколку шанси да го затвори мечот, во завршницата покажа зошто е еден од најголемите. На 6-5, ја потврди победата и ја подигна титулата пред бурните аплаузи на атинската публика.
Ова е деветта победа на Ѓоковиќ во десет меча против Мусети, но едно од најисцрпувачките финалиња во неговата кариера. Сè уште не е потврдено дали ќе настапи на АТП финалето во Торино, иако шефот на Италијанската тениска федерација тврдеше дека Новак веќе е пријавен.
„Не знам од каде ја имаат таа информација,“ изјави Новак пред медиумите. „Ќе одлучам по крајот на овој турнир.“
Едно е сигурно – дури и на 38 години, Новак Ѓоковиќ продолжува да ја пишува својата бескрајна тениска приказна.
