Еден од најстарите англиски фудбалски клубови, Шефилд Венздеј, отиде во стечај. Ова автоматски ќе значи одземање 12 бодови од контото на клубот од Шефилд, по што ќе биде убедливо на последен во Чемпионшип лигата, со минус шест бодови.
Барањето за назначување стечаен управник во случајот е поднесено до Судот за банкрот и трговски друштва.
„Стечајот беше неизбежна последица од неколкугодишно финансиско лошо управување, немање одговорност и постојани неуспеси во наоѓањето кредибилен купувач“, соопшти здружението на навивачи на клубот.
Навивачите на Шефилд Венздеј уште на почетокот на сезоната го повикаа сопственикот Дејфон Чансири да се повлече од функцијата. Илјадници навивачи, барајќи негова оставка, дури и го бојкотираа натпреварот на својот тим против Мидлзбро во средата.
Името на Шефилд Венздеј, основан во 1867 година, стана неразделно од името на стадионот Хилсборо, местото на трагедијата на 15 април 1989 година. На тој ден, 97 навивачи на Ливерпул, кои дојдоа да го гледаат полуфиналето на ФА Купот против Нотингем Форест, загинаа во стампедо на влезот на стадионот.
За овој клуб во 1998 година играше и поранешниот македонски репрезентативец Гоце Седлоски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА
